Алкалоид со рекордна продажба, и раст од 23 отсто
Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 8 %, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 23 %. Од вкупните консолидирани продажби 29 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 71 % се остварени на странските пазари.
Компанијата „Алкалоид“ годинава има рекордна продажба и раст од 23 отсто. Исто така, во периодот од јануари до јуни инвестициите изнесувале 15,2 милиони евра.
Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – јуни 2023 година продажбите достигнуваат 6.293.741.761 денари, што е за 19 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 8.425.198.446 денари, што е за 18 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Продажби според региони
Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 8 %, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 23 %. Од вкупните консолидирани продажби 29 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 71 % се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 29 %, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 22 %, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР…) се остварени 19 %, а на другите пазари е остварен 1 % од вкупните консолидирани продажби.
Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со првото полугодие од 2022 година, бележат продажбите остварени во Австрија, кои се зголемени за повеќе од 4-пати, како и во Чешка и во Турција, каде што се зголемени за двапати. Потоа следуваат оние во Ерменија (раст од 93 %), Романија (раст од 87 %), Монголија (раст од 45 %), во Велика Британија (раст од 28 %), Португалија (раст од 23 %), Бугарија (раст од 22 %), во Хрватска (раст од 11 %), Црна Гора (раст од 11 %), Србија (раст од 10 %), во Босна и Херцеговина (раст од 8 %) итн. Повисокиот раст на продажбите во првото полугодие од 2023 година, во однос на планираните, делумно се должи на недостигот од антибиотици од други производители на повеќето извозни пазари. Овие недостатоци АЛКАЛОИД успеа да ги покрие преку зголемен обем на производство и на продажби на антибиотици од сопственото портфолио.
Продажби според групи производи
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 90 %. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 29 %, препаратите ОТЦ со 19 %, невролошките препарати со 12 %, кардиолошките препарати со 11 % од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 10 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2 %, козметика со 7 %, а билкарство учествува со 1 %. Вкупните продажби бележат пораст кај профитните центри фармација и козметика во споредба со остварените во истиот период од 2022 година. Сегментот фармација бележи раст од 21 %, а козметика раст од 12 %.
Инвестиции
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – јуни 2023 година изнесуваат 937.983.755 денари.
Резултати од работењето
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 1.334.981.131 денари, бележи зголемување од околу 14 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 814.786.957 денари и е зголемена за 19 %.
Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 1.393.017.611 денари и бележи раст од 17 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 773.414.100 денари е зголемена за 19 %.