Алијанса и БЕСА го поддржуваат францускиот предлог, со услов албанскиот јазик да влезе во уставот

Поддршка за Францускиот предлог, но условена. Албанскиот јазик ќе мора да влезе во македонскиот устав за албанските партии да го прифатат предлогот на Макрон.

Не станува збор за прифаќање или не, туку за продолжување по европскиот пат или не – истакна лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села по средбата со Премиерот Ковачевски, пред да ги испорача своите услови.

– „Се надевам дека сега конечно не сфаќаат и нас. Сега после 20, па и повеќе, 30 години, како се чуствуваат Албанците во државава, дека нема албански јазик со фуснота. Дефиницијата за Албанскиот јазик во Македонија е еден куп зборови, а само зборот албански јазик не постои. И во ваква ситуација кога ќе се отвора уставот за измени, треба да се има предвид и од оваа дефиниција, а тоа е во Уставот да има Албански јазик, а не оваа дефиниција.“ – Изјави Зијадин Села.

Запрашан за тоа, дали неговата партија ќе се приклучи на власта, aко помалите коалициони партии останат на зборот и ја напушатат владата, Села категоричен. Вели, Алијанса за албанците нема да биде резервна варијанта за потребите на оваа или на некоја друга власт.

И од партијата БЕСА го прифатија францускиот предлог, но, под истите услови. Кога веќе мора да се отвори уставот, и тие имаат идеи за тоа што плус би пишувало таму.

– „Бидејќи францускиот предлог сам по себе подразбира уставни промени, ние, за да покажеме политичка конзистентност од последното отворање на уставот, ќе побараме терминологијата „јазик што го зборуваат повеќе од 20% од населението” да се коригира во Уставот и да се замени со терминот „албански јазик”. – Пишува во соопштението на БЕСА.

Во процесот на „широки консултации“, како што тоа го нарекува премиерот Ковачевски, тој во клубот на пратеници го чекаше лидерот на Алијанса за Албанците безмалку 20 минути да дојде на средбата, по што овој пат, премиерот не се појави пред медиумите.

Никола Цветкоски