Алијанса за Албанците „со една нога“ во Владата? Ковачевски вели – тоа биле шпекулации

Алијанса за Албанците не доби понуда за влез во Владата во замена за неколку министерски или директорски места. Премиерот Ковачевски и претседателот на опозициската партија разговарале за законските решенија, справувањето со економската криза и европската иднина на Македонија. Но доколку се појави можност за таква коалиција, Таравари вели дека ќе ги поставеле своите услови односно своите „црвени линии“.

Разговаравме за европскиот пат на Македонија, за борбата против корупцијата која е исклучително важна на тој пат, за владеење на правото, за законите кои се блокирани, за европските закони кои Алијанса за Албанците ги поддржуваше. Секако ако добиеме понуда за коалиција, ние ќе ги поставиме своите услови, своите црвени линии – изјави Таравари.

Првиот човек на Владата изутрината ги отфрли како шпекулации сите досегашни информации за можната коалиција со Алијанса за Албанците. За него, оваа средба била само продолжение на лидерската средба која претходно ја одржа, а се однесуваше на идните чекори кои треба да се преземат во врска со македонските евроинтеграции. Ковачевски планирал да одржи поединечни средби и со другите лидери на парламентарните партии за одлуките кои треба да се носат со широк политички  консензус.

– Денешната средба со господинот Таравари е продолжување на лидерската средба, која ја имавме во текот на изминатиот период со претседателите на сите парламентарни политички партии. Планирам во наредниот период да одржам поединечни средби со сите политички партии застапени во Парламентот, со цел да продолжиме да разговараме околу одлуките кои треба да се носат за европската иднина на државата, а за кои е потребен широк политички и општествен консензус, изјави Ковачевски.

Веќе подолго време за шпекулира дека Алијанса за Албанците е можно да стане дел од владината коалиција, нешто што може негативно да се одрази на атмосферата во Демократската Унија за интеграција бидејќи во тој случај скопското крило ќе се отцепи. Извори на ДУИ за медиумите брифираат дека мотивот за влегување на партијата на Арбен Таравари во владата, бил да се намали влијанието на Изет Меџити и на неговата група. Целта е да се намали притисокот врз сегашните министри од редовите на ДУИ, чии смени бараше групата на Меџити, а пред се од вицепремиерот Артан Груби.

Владејачкото парламентарно мнозинство за кое премиерот Ковачевски постојано уверува дека е стабилно, брои 64 пратеници, а евентуалното влегување на Алијанса за Албанците со 8 пратеници, значително би ја изменило структурата на Парламентот.

Адријана Алексиеска

Advertisements