„Алијанса за албанците“ не ја исклучува можноста да го блокира процесот во собранието

Алијанса за Албанците не ја исклучува опцијата да го блокира собранискиот процес за преспанскиот договор, ако не им се исполнат барањата што имаат намера да ги достават како амандмани – кога ќе се отвори Уставот: албанската заедница да биде впишана како државотворен народ и албанскиот јазик да биде службен заедно со македонскиот. Генералниот секретар на партијата и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари за Алфа вели дека ако не се исполнат нивните барања, органите на партијата ќе одлучуваат дали нема да го поддржат преспанскиот процес.
-Партијата има органи тие ќе одлучат дали и како ќе гласаме ако нашите барања не се усвојат. Ова не е уцена, туку се барања за кои сега е шанса да се затворат, и потоа да се посветиме на европската агенда, вели Таравари.
Тој потсетува дека ова е ветено од Заев уште во 2016 година. Тоа што ДУИ смета дека сега не е време за зачинување на преспанскиот процес со албанските барања, за Таравари е неважно. Тие се нестабилни, вели тој. Потсетува дека и ДУИ се потписници на популарно наречената Тиранска платформа.
-Ова е нешто што го пишува и во Охридскиот договор. Господинот Заев го вети уште во 2016 година, во делот за јазикот поконкретно, додава Таравари.
Беса на Касами ќе интервенира со 4 амандмани. Немаат дилема дека нивните барања треба да поминат оти така ќе се исправеле неправдите кај албанската заедница и ќе се воведел концептот на граѓанска држава.
И за овие амандмани ќе треба двотретинско мнозинство за да бидат усвоени.

Искра Коровешовска