Алити си смисли 31,5 проценти рамковни вработувања, но јавно не се произнесува, молк и од Владата

Ќе треба ли секоја државна институција да вработува по пресметката на министерот за информатичко општество? Дали и од кога секоја државна институција ќе мора да има бројка од 31,5 проценти, наместо досегашната околу 20 отсто рамковно вработени? Одговор на овие прашања на Алфа нема ниту од Илинденска ниту од Министерството на Адмирим Алити.

Новиот балансер, кој е творба на министерот Алити, ги пресметува процентите на резидентно и нерезидентно население според пописот, а на тој збир министерот си додал уште 2 проценти од оние 7 отсто административно попишани според Статистика.

Ако се соберат бројките од резидентното население во Македонија и самопопишаните македонски државјани во странство, 54,21 отсто се Македонци, 29,52 отсто се Албанци, 3,98 отсто се Турци, 2,34 отсто се Роми, 1,18 отсто се Срби, 0,87 отсто се Бошњаци и 0,44 отсто се Власи.

резултати од пописот:

Резидентно население:

Македонци: 54, 21%

Албанци:     29, 52%

Турци:            3,98%

Роми:              2,34%

Срби:              1,18%

Бошњаци:       0,87%

Власи:             0,44%

Ваквата пресметка е спротивна на Законот за вработените во јавниот сектор, според кој распределбата на бројот на новите вработувања по припадност на заедница се прави според податоците од последниот попис на населението на територијата на Македонија.

Закон за вработените во јавниот сектор, член 20, став 4

„Во институциите на јавниот сектор кои се основани од страна на централната власт а кои дејноста, односно надлежноста ја вршат на централно ниво и/или преку подрачните единици или други организациски единици на локално ниво, како основ за распределба на бројот на планираните нови вработувања по припадност на заедница, се земаат податоците од последно спроведениот попис на населението на Република Македонија за територијата на цела Република Македонија“

Адмирим Алити е министер од јануари годинава, кога неговата партија Алтернатива влезе во владејачката коалиција.

Викторија Миткова

https://youtu.be/Aa76Lvx7BMs