Албанскиот парламент не го поддржа законот за проверка на потеклото на имотот на политичарите

Парламентарното мнозинството во албанскиот законодавен дом синоќа не го поддржа Предлог-законот предложен од страна на опозицијата за проверка на потеклото на имотот на политичарите и нивната евентуална вмешаност во криминални активности, познат како ветинг.

Против гласаа 74 пратеници, додека 52 опозициски пратеници го поддржаа сопствениот предлог, што не беше доволно.

Долгата седумчасовна расправа беше преполна со обвинувања од страна на опозицијата за „криминалната влада на премиерот Еди Рама“.

Пред гласањето, лидерот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша побара од пратениците да го поддржат законот „за да се извлече земјата од криминалот во кој е потоната“.

– Единственото решение за Албанија да излезе од калта во која е потоната, е разграничување на политиката од криминалот. Нема да има никакви реформи, нема изборни реформи, се додека правниот систем зад решетки не однесе барем еден политичар. Венецијанската комисија побара од вас(власта) да седнете и да работите со опозицијата ветингот за политичарите да биде усвоен со консензус.Тие не сакаат ветинг, бидејќи за многу од нив тоа би било крај за нивната политичка кариера, рече Баша од собраниската говорница.

Поранешниот албански претседател и екс премиер и почесен претседател на Демократската партија, Сали Бериша, со неговиот познат остар јазик, откако побара да се гласа законот, рече дека во спротивно по улиците ќе упати апел: „Синови, вооружете се, или смрт или слобода“.

Наспроти пратениците од опозицијата, оние од власта тврдеа дека Венецијанската комисија не го поддржала Прдлог-законот за ветинг, бидејќи не е во согласност со албанскиот Устав, туку дека власта и опозицијата треба да седнат и да се договорат што може да преземат во тој правец.

Инаку, во Албанија во тек е проверка на потеклото на имотот на судиите, обвинителите и полицијата. Деновиве оваа проверка не ја мина ниту претседателот на Уставниот суд ,па така земјата остана само со двајца од девет уставни судии. Освен Уставниот, подолг период не функцонира ниту Врховнот суд, а има недостиг и од судии и обвинитело, додека околу 500 полициски службеници самоволно ја напуштија работата, откако одбија да пополнат формулар за имот и неговото потекло.