Албанската опозиција се подготвува и за избори, но без Рама како премиер

Лидерот на најголемата албанска опозициска сила, Демократската партија (ПД), Љуљзим Баша изјави дека опозицијата нема да се согласи да оди на избори доколку актуелниот премиер Еди Рама биде на таа функција.

– Нема да има договор со Еди Рама. Мојата цел како лидер на опозицијата и на Демократската партија и на нашите сојузници, не е само негово заминување како премиер, туку и негово заминување од политиката и изведување пред лицето на правдата, рече Баша гостувајќи во емисијата „Опињон“ на телевизијата Клан.

Баша нагласи дека ќе дојде на власт со гласовите на албанските граѓани, додавајќи дека обединетата опозиција се подготвува и за локални и за парламентарни избори, но не објасни како ќе биде тоа можно без Рама да биде премиер.

– Демократската партија и сојузниците се подготвуваат за локалните избори, но се подготвуваат за парламентарни избори. Нашата цел е со мнозинството албански граѓани кои не ја прифаќаат и не можат да ја издржат оваа ситуација, да наметнеме политичко решение за земјата. Решение кое треба да ја надмине состојбата на државен удар, во која се наоѓаме, истакна Баша.

Тој е убеден во победа на опозицијата на локалните, но и на парламенатрните избори, бидејќи, како што рече, „на народот му е доста од актуелната криминална власт“.

Инаку, локалните избори во Албанија треба да се одржат во јуни следната година. Последните парламентарните избори пак беа одржани на крајот од јуни 2017 година.