Аларм за опасна зараза во Штип, една жена почина, три лица се заразени

Лајшманиоза се шири во Штип. Шеесет и петгодишна жена починала, а од ова паразитско заболување чиј извор се кучињата – заболени се уште три лица. Од штипскиот Центар за јавно здравје ја потврдија информацијата, потенцирајќи дека состојбата во градот е алармантна.

Пренесувач на болеста е песочната мушичка, која цицајќи крв од заболеното куче, паразитот го пренесува на луѓето. Болеста се манифестира со малаксаност, намален апетит и пад на сите елементи во крвта. Поради овие симптоми честопати се мисли дека заболениот боледува од анемија или леукемија. Најдобра превентива од лајшманиоза е прскањето и сериозен пристап кон кучињата скитници.

Штип подолго време има проблем со кучињата скитници. Болни и шугави, движејќи се во чопори тие се честа слика низ центарот на градот. Штипјани категорични дека новите три случаи на заболени од лајшманиоза треба да го вклучат алармот и општината конечно да преземе некакви мерки.

Уште на стартот од оваа година локалната самоуправа почна со изградба на стационар, но од засега непознати причини проектот не успеа да се реализира.

Александра Ристевска