Аларм за злоставување на малолетна во училиште во Прилеп
15-годишна проблематична ученичка наводно била жртва на сексуално вознемирување од страна на служител во средно училиште во Прилеп ?
15-годишна ученичка од СОУ „Орде Чопела“, која и претходно имала проблематично однесување, наводно била жртва на сексуално вознемирување од страна на вработен во истото училиште.
Настанот, кој се случил на 8-ми февруари, по обавените разговори со ученичката и нејзините родители, како и со вработениот, бил пријавен до сите надлежни институции, вели директорката
на училиштето, ова, бидејќи девојчето на три наврати давало различни изјави.
„Јас како в.д. директор ги презедов сите активности. Беше обавен разговор со родителите на ученичката, стручна служба, со вработениот во училиштето. Поради тоа што добив различни изјави, настанот веднаш го пријавив во ЦСР и во МВР. Ова дете е во ризик и затоа побарав од ЦСР
да си преземат нивни понатамошни активности. Во претходната година истата ученичка имаше конфликти со нејзината соученичка и и за тоа беа известени надлежните институции, и тоа и ЦСР и МВР“, – вели Тереза Златеска, в.д. директор на СОУ „Орде Чопела“ од Прилеп.
Од МВР ја потврдуваат информацијата дека кај нив бил пријавен настанот.
Оттаму велат дека вработена во училиштето кај нив пријавила дека малолетна
ученичка и’ се пожалила дека била допирана по телото од вработен во
училиштето, по што МВР презело мерки и активности, а го известиле и ОЈО.
Од ОЈО пак, ни изјавија дека од нивна страна веќе се прибираат сите
документи со цел, евентуално започнување на истражни дејствија во врска со
овој настан, кои вклучуваат и распит на инволвираните лица. Истовремено, тие
ги демантираат објавите во некои медиуми дека Обвинителството го отфрлило
предметот, бидејќи не биле пронајдени елементи за кривично гонење.
Од МЦСР велат дека по пријавата веднаш кај нив биле повикани родителите
на девојчето, кои на правата покана не се одѕвале. Но на втората покана тие
дошле пришто девојчето изјавило дека било сексуално вознемирувано од
вработен во училиштето.
„Од страна на стручен тим при МЦСР Прилеп се превземаат мерки на
помош и заштита и психосоцијална помош и поддршка се со цел јакнење
на емоционалната стабилност и состојба во понатамошниот развој на
детето. Ова особено имајќи во предвид дека самата медиумска
експонираност на предметот може да доведе и до секундарна
виктимизација на детето на што особено треба да се
внимава.
Напоменуваме дека ЈУ МЦСР Прилеп истовремено работи и со
родителите на детето се со цел јакнење на нивните родителски
капацитети“, стои во соопштението од МЦСР во Прилеп.
Каролина Дурло