Алармот за тероризам ја вознемири јавноста -Македонија можна мета на ИСИС!?

Има ли уапсени терористи вчера рано утрото и каде во земјава? Како е закочен терористичкиот напад, кој МВР вели дека го спречила ? Кои единици учествувале во т.н. акција , колку време течела истрагата и конечно, дали сега сме безбедни?… МВР должи објаснување по оскудното соопштение вчера вечерта, оти јавноста е во паника. Во него стои само:
„Со цел попречување на терористичкиот напад и остварување на превентивната функција, Министерството за внатрешни работи изготви план на мерки и активности, за што обезбеди соодветни наредби за нивно спроведување. По добиените наредби на неколку локации на територијата на државата извршени се претреси при што се одземени предмети и уреди кои се поврзани со можниот напад“.
Нападот бил спречен по претходно добиени оперативни сознанија од странска земја, се вели во соопштението. Брзо по него американската амбасада, на веб-сајтот, ги предупреди нејзините државјани тука да внимаваат каде се движат оти се можни терористички напади инспирирани од екстремистичка идеологија.
„Екстремистите, повеќе се стремат кон напади врз објекти кои се „меки цели“, какви што се трговските центри, пазарите, аеродромите, хотелите, клубовите, рестораните, верските објекти, училиштата, парковите и јавните настани“ стои во соопштението на амбасадата.
Своите граѓани тука ги предупреди и Бугарија. Денеска од МВР ни одговорија дека во моментот не смеело повеќе да се открива, ама дека опасноста била превенирана. Зошто воопшто се лиферува ваква информација? За познавачите на терористичките стратегии оскудното известување од МВР- пуштено токму сега – е индикативно. Дефокусирање на јавноста или реална состојба?
-Ваквите нецелосни соопштенија не треба ниту да се лиферуваат. Јавноста за да се смири мора да знае од каде е почната истрагата, какви сознанија имале, како течела истрагата и што е спречено. Индикативно е и што по соопштението од МВР и амбасадата излезе со предупредување. А се знае дека на американските државјани на маил пред се им се испраќаат предупредувања, а ова е јавно за да допре до сите граѓани. Вака се создава забуна кај сите нас, вели универзитетскиот професор Злате Димовски.
Дали и оваа акција на МВР ќе заврши како онаа од месец август, кога полицијата го прикажа како сопствена победа апсењето на седумте македонски државјани, борци на ДАЕШ, а всушност беа само предадени односно спроведени на нашата територија, откако претходно биле фатени со помош на Сириските демократски сили и Глобалната антитерористичка организација.
-Тој случај беше репатријација, значи само ги презема нашата држава своите граѓани уапсени во друга држава. Ова што сега се случува е нејасно, оти не се знае дали веќе имале некакви сознанија, и ако е така, подобро ќе беше да не се пушта информацијата нецелосна, туку да се објасни, додава Димовски.
Дали во очи на членството во НАТО сме терористичка мета?
-Забележавте дека ние ни во сообраќајот не сме безбедни, а не пак кога се работи за терористички напади. Никогаш и никој не е безбеден од тероризмот, нагласува Димовски.
Додека јавноста чека детали од полицијата, за сега ќе може да се задоволиме само со делот од соопштението дека опасноста е превенирана.
Искра Коровешовска