Акција „Донирај книга за патувачката библиотека на МакеДокс“

Од денеска до 29-ти јуни ќе се одвива акцијата „Донирај книга за патувачката библиотека на МакеДокс“. Книгите ќе може да се донираат во кафе „Котур“ секој ден до сабота.

Од Здружението за промоција на документаристика „МакеДокс“ информираат дека донираните книги ќе бидат однесени во неколку селата каде луѓето ќе можат да ги позајмат, заменат, прочитаат. Потоа книгите ќе бидат оставени во основното училиште во Радожда до следната година.

Дополнителна мотивација за донација на книгите може да биде и тематската дружба „Кафе и кромид 03“ на „МакеДокс“ и кафе „Котур“, што ќе се одржи на 27 јуни во 20.30 часот, кога ќе биде прикажан филмот „Мажи играчи“. Со купена пијачка или со донирана книга се добива билет за проекцијата, посочуваат од Здружението.

Патувачкото кино на МакеДокс ќе се одржи од 1 до 12 јули околу Охридското и Преспанско езеро. Патувачкото кино на „МакеДокс“ ќе се реализира со поддршка од Агенцијата за филм, Амбасадата на Германија и овозможено е од Western Balkans Fund.