Битката за Водно продолжува

Наместо да престане, борбата за спас на парк шумата Водно се засилува. Граѓанските активисти кои дежураат на планината во надеж да спречат продолжување на изградба на трасата за гасовод, објавија дека од фирмата изведувач денеска поставиле табла со предупредување за забранет пристап.

Граѓанската организација „Го сакам Водно“ денеска побара и средба со директорот на Македонски енергетски ресурси, скопскиот градоначалник, и заменик министерот за животна средина на која, како што велат, јавно ќе ги изнесат нивните агрументи за изградбата на гасоводот.

Ваквите реакции следуваат откако вчера, багери ќе газеа активисти кои се кренаа против сеча на шумата.

На екипата на Алфа не и беше дозволен пристап до местото на настанот, а не беше во функција ниту жичницата поради сервисирање. Драматичните снимки на социјалните мрежи сведочеа за тензичната состојба која за среќа помина без последици.

По низата инциденти, се огласи и премиерот. Алфа го праша Зоран Заев како гледа на синоќешните инциденти на Водно. Тој ги осуди немилите настани во парк шумата кога градежни работници им се заканиле на активистите дека ќе бидат прегазени додека протестираа.

– Прво да изразам жалење за ваквиот начин на однесување на багеристи и кои било други претставници на изведувачите, работници и наши граѓани коишто работат. Апсолутно осуда е ваков настан макар и преку закана дека некој ќе нападне човечки живот или не знам што ќе направи за да ја извршува својата работа, рече Заев.

И покрај притисоците од активистите за стопирање на градбата, премиерот рече дека проектот ќе продолжи да се реализира, но при тоа ќе се разговара со активистите на невладиниот сектор, иако до сега власта беше глува на нивните повици.

– Немаме намера ништо да иснасилиме. Изградбата ќе застане таму каде што имаат замерка, таму каде што нема ќе продолжи, додаде премиерот.

Инаку, викендов, македонскиот велосипедски тим в недела организира настан, каде ќе се вози низ Водно со цел зачувување на планината по најавената изградба и оголување на сртот.

Борис Грујоски