Ако се намали загадувањето до светски стандарди, ќе се избегнат повеќе од 1000 смртни случаи годишно

Секојдневното вдишување канцерогени честички значи болест, но и смрт. Според Европската агенција за животна средина, во земјава повеќе од 3.000 лица годишно умираат како резултат на загадениот воздух. Истата агенција, во последниот извештај ја прогласи Македонија за земја со најзагаден воздух, а заедно во група со Косово, Србија, Унгарија и Бугарија ја стави на врвот по бројот на смртни случаи по глава на жител.

Смртноста во Македонија е повеќе од двојно повисока од европскиот просек, кој е 60 прерани смртни случаи годишно на 100.000 жители. Во Македонија на 100.000 умираат 125 луѓе, говорат податоците од Светската здравствена организација.

Според Институтот за јавно здравје на Македонија пак, како последица од загадувањето годишно умираат околу 1400 луѓе. Од таму, посочуваат дека бројките се разликуваат бидејќи се користат различни методологии.

Земајќи ја статистиката од Македонија, повеќе од 1000 животи можат ќе се спасат, доколку успееме аерозагадувањето да го доведеме до светските стандарди, вели проф. д-р Драган Ѓоргев.

Според Ѓоргев, тоа што нема тренд на намалување на смртни случаи, покажува дека, не се прави ништо конкретно и огранизирано за да се намали аерозагадувањето.

Доколку хармонично и системски, сите чинители во општеството делуваат за намалување на аерозагадувањето, бројот од околу 1400 смртни случаи годишно може да се намали барем за половина.

Сања Трајковска Ставров