Ако власта го истурка предлогот вечерва, Османи веќе утре би заминал за Софија да го потпише контроверзниот протокол

Власта планира уште вечерва или најдоцна утре вечер, доцна во ноќта да ги усвои заклучоците со кои го одобруваат францускиот предлог, по што министерот за надворешни работи викендов веднаш би заминал за Софија да го потпише контроверзниот протокол, неофицијално дознава „Алфа“.

Доколку се оствари ова сценарио, првата, таканаречена меѓувладина конференција помеѓу Македонија и Европската Унија би се одржала веќе наредната недела. На власта и се брза за да го фати последниот рок пред еврокомесарите за заминат на одмор. Ваквата опција ја најави и самиот Османи.

– „Доколку после консултативниот процес Владата донесе одлука дека го одобрува пакетот, тогаш јас можам веднаш да организирам средба на меѓувладината комисија со Република Бугарија и да пристапиме кон потпишување на протоколот.“ – Истакна Османи за 24ТВ.

Тој за дел од медиумите соопшти и дека протоколот кој се уште се чува во тајност, ќе бил објавен моменти пред да стави потпис на него или откако ќе биде веќе потпишан, што за јавноста ќе биде предоцна. Документот кој веќе го објавија бугарските медиуми се осврнува на историските прашања и спроведувањето на договорот за добрососедство како дополнителни услови за понатамошниот пат за интеграција на Македонија во Европската Унија.

Силен притисок да се оствари ова сценарио доаѓа и од Тирана. Иако европските челници неколкупати се произнесоа против, на заедничка пресконференција со евро-комесарот за проширување Вархеји, албанскиот премиер Рама го предупреди македонскиот парламент дека ако не се донела позитивна одлука, ќе барал одвојување од македонско-бугарското прашање.

– „Се надевам дека резултатот од дебатата во Парламентот на Македонија ќе биде позитивен. Ако е така, Конференцијата дефинитивно ќе биде свикана наскоро. Доколку не биде позитивен, веднаш следниот ден ќе продолжиме да бараме одвојување на Албанија од бугарско-македонското досие.“ – Изјави Рама.

Што се однесува до Албанија, според еврокомесарот Вархеји, таа направила сè за да дојде до првата меѓувладина конференција, и очекува веќе следната недела таа да ги започне официјлано преговорите.

Никола Цветкоски