Академската јавност на нозе – со индигнација ги отфрла препораките на историската комисија

Препораките на историската комисија се псевдонаучни, политички мотивирани, и тие треба да се отфрлат – повеќе од сто македонски научници и истражувачи објавија заедничка изјава во која со индигнација ги отфрлаат отстапките на комисијата што биле договорени со бугарите за Цар Самоил и македонските просветители. Тие сметаат дека договорот на комисијата е политичка интерпретација и политичко ревидирање на македонската, но и на регионалната балканска историја отстапувајќи од принципот на научност и етичност. Велат дека под привид на реципроцитет, препораките промовираат пристрасно толкување на историските факти, личности, настани и процеси.

Македонската, јужнословенската, општословенската и балканската историја се толкуваат на бугароцентричен начин… препораките го дискриминираат усвоениот и научно заснован наратив за културната, националната и политичката историја на македонија, застапуван од македонски и други научници со меѓународна репутација“ , се вели во отвореното писмо

Препоракки на комисијата за заедничко одбележување на Цар Самоил, Свети Кирил и Методи, свети наум и свети Климент за академиците се нерелевантни за понатамошна научна истражувачка дејност

Политичкото инсистирање да се усвојат билатерални препораки за историја која има мултилатерален и унилатерален карактер, па не може да се официјализира како „заедничка“ бугарско – македонска историја, претставува повреда на референтната парадигма на хуманистичките науки. Во „Препораките…“ се маргинализираат цели епохи од национална, регионална и меѓународна важност.

Отвореното писмо го потпишаа  повеќе од сто научници и истражувачи, меѓу кои 8 академици, и десетици доктори на наука, професори, магистри чиј фокус во нивната научно – истражувачка работа е историјата. Меѓу нив академиците Катица Ќулавкова, Љупчо Коцарев, Ѓорги Поп Атанасов, Зузана Тополињска, Витомир Митевски, Марјан Марковиќ, Митко Манџуков и Леонид Грчев, бројни соработници на МАНУ, декани, универзитетски професори и историчари.

Од друга страна, членовите на Комисијата вчера ги класифицираа како клевета критиките на нивна сметка, а обвинувањата за ненаученост, предавство и бугаризација според нив биле неаргументирани. Велат дека критиките кои дошле на нивна адреса се лаги иманипулации со цел да се шири страв и да се лаже македонскиот тим.