Азески: Претседателот е носител на прогресивни решенија за бизнисот

Поголема стабилност во носењето закони, поголема промоција во странство и нивно вклучување во процесот, но и силна промоција на бизнис заедницата во странство. Ова се само дел од барањата на стопанствениците упатени до претседателот на државата Стево Пендаровски, кој оствари работна средба со првиот човек на Стопанската комора, Бранко Азески и со членовите на Управниот одбор. Претседателот апелира до бизнис секторот целосно да се вклучи и да се искористи неговото знаење и капацитет во преговарачкиот процес со ЕУ.

– Не постои ниту една држава во светот која има добра економија, која не е асоцирана во поголемите организации од овој тип, особено не во Европа. И оние земји кои не се формално членки од ЕУ, како што е Швајцарија, тие се дел со серија потпишани договори децении наназад се дел од европскиот заеднички пазар, сметајте како да се членки на ЕУ, рече Пендаровски.

Претседателот на државата да нема ограничени ингеренции во економијата, зашто бизнисот во голема мера е детерминиран од други параметри, за кои претседателот на државата има директни надлежности и овластувања, вели Бранко Азески, кој понуди конкретни препораки за тоа како Пендаровски би можел да помогне на бизнис заедницата.

Пендаровски му одговори и се пофали дека наскоро ќе биде пополнето советничкото место во неговиот Кабинет, како и дека ќе работи на искористување на дипломатско-конзуларните претставништва со цел подобра промоција на бизнис потенцијалот на нашата држава во странство. Според Азески пак, потребно е обединување.

Пендаровски посочи дека нема да дозволи да биде ставен пред свршен чин и да служи само за потпишување на закони, туку ќе се труди законите да се подготвуваат заедно со стопанствениците. Тие денеска упатија и неколку критики до работењето на институциите.

Инаку, ова е прва посета на претседателот Пендаровски на Стопанската комора, каде беа претставени работните активности на Комората. Пендаровски најави дека наредниот период, ќе се сретне и со претставници и на другите комори во државата.

Борис Грујоски