Аеродромци на протест: Не сме против луѓето што се лекуваат, но околу болницата има градинки и училишта

Ад-хок планот за дисперзија на дел од зависниците, наместо да ги реши сегашните, ќе создаде нови проблеми. Здравствените власти треба да понудат стратегија за поддршка и целосен третман на зависниците, а не само да отвараат шалтери за делење на метадон во болници, до кои има детски градинки и училишта, велат аеродромци, кои по одлуката пункт за зависници да има и во поликлиниката „Јане Сандански“ со дечињата за рака, излегоа на улица, и гласно порачаа:

-Тоа ќе биде потресителна слика. Ваквата одлука нема смисла. Не треба да се дискутира за ова, и министерот Филипче е свесен. Сите имаме деца и сите сакаме да ги заштитиме. Нема да дозволиме ова да се спроведе, вели жителка на Аеродром.

-Оние што носат одлука треба посовесно и подлабоко да размислат за проблемот, па да донесат заклучок.

-Шприцеви и наркотици ќе има насекаде, на млади деца ќе им се загрози безбедноста.

-Зависниците имаат апсолутно право на третман. Но, вака не се решава проблемот со Центарот за зависници, тука околу поликлиниката има две градинки и училиште.

-И тие се нечии деца, и навистина е жално што се нашле во таква ситуација, но ним им се потребни центри, соодветни места за третман.

Аеродромци се гневни поради најновите одлуки на министерството за здравство. Тие велат дека има практични решенија за да им се помогне на зависниците, без да се наруши нивната, но и безбедноста на децата. Па, пред објективот на Алфа ги споделија нивните предлози.

-Треба да се изградат простории каде што нема да има улилишта и градинки. Можеби, потребни се три простории, а ако може за шест месеци да се градат огромни згради со 100 стана, зошто би било проблем да се направат три простории за три месеци за овие граѓани. На пример, кај мостот покрај Вардар, каде што нема станбени згради.

-Наместо да се градеа објекти што ништо не значат, можеше да се направат неколку домови или центри за зависници. Три, четири, колку што се потребни во Скопје, и низ Македонија.

Проблемот со центарот за зависници и расфрланите употребени игли и шприцеви, го актуелизираа жителите на Кисела Вода, кои излегоа на протест и побараа дислокација на објектот.

По јавно искажаното незадоволство на овие граѓани, министерот за здравство, Филипче, најави „преселба“ на објектот во Гази Баба, а откако жителите и на оваа општина се побунија, планот Центарот да се смести во поранешната менза на фабриката „Металскиот Завод-Тито“, преку ноќ, пропадна.

Најновото решение на здравствените власти е од септември да спроведат дисперзија на зависниците низ повеќе установи, и тоа во поликлиниката „Јане Сандански“, во населба Ченто, Бардовци и во Градската општа болница „8-ми Септември“ во Карпош.

Сања Трајковска Ставров