Агенцијата за филм и Милчо Манчевски под лупа на антикорупционерите

Агенцијата за филм и Милчо Манчевски под лупа на Антикорупциската комисија. Чекаат извештај од државните ревизори за да одлучат дали има основ за продолжување на постапката за утврдување можни злоупотреби на средствата.

  • „Се работи на извештајот и очекуваме наскоро тој да ни биде доставен. Бидејќи има нови пријави за наводни нерегуларности, ќе почекаме да видиме дали тие се вклучени во ревизијата, а потоа, ако има потреба повторно ќе го отвориме случајот.“ – Изјави претседателка на Комисијата за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска.

Комисијата уште пред неколку години го отворила предметот и утврдила дека за потрошените пари за снимање на некои филмови не биле доставени финансиски извештаи по што побарала кривично гонење за тогашниот директор, а на Заводот за ревизија му наложила да го преиспита работењето на Агенцијата.

„Цивил медиа“, пак, повикувајќи се на документи кои ги поседува пишува дека конкретно за филмот „Мајки“ Милчо Манчевски себе си си исплатил баснословни суми.

За режија добил речиси 164 илјади евра, а за сценарио уште 63 илјади евра.
Дополнително, за развој на филмот биле издвоени речиси 220 илјади евра.

  • „На два пати се исплатени суми од 48.272 и 41.308 долари или вкупно 85.000 евра, што според заедничкиот договор се префрлени за развој на филмот кој својата премиера ја доживеа во октомври 2019 година, а сумите се исплаќани на 24.09.2018 година и 17.05.2019 година, од каде не се гледа што точно развивал Манчевски… Премногу нејаснотии, а премногу пари на граѓаните се придружници на овие филмски проекти. И премногу молк од институциите.“ – Пишува „Цивил медиа“.

Инаку ова не е единствениот скандал кој се поврзува со Агенцијата за филм. Алфа се уште чека одговори дали ќе биде дозволено емитување на серијата „Црвениот Поет“ посветена на македонскиот револуцинер, Кочо Рацин, која со години се држи во фиока, веројатно за да не се вознемири Бугарија, а за која се потрошени 23 милиони денари, народни пари.

Во меѓувреме продуцентот на оваа серија, Владимир Анастасов, продолжува да добива нови проекти иако „Црвениот поет“ го нема видено светлото на денот со што се изигрува договорот за државно финансирање на серијата.

ТВ Алфа и официјално побара да и бидат отстапени правата со оглед на тоа што Агенцијата има право да ја преземе сопственоста поради неемитување на серијата. Одговор се уште нема.

Никола Цветкоски

Advertisements