Автопатот „Гоце Делчев“ официјално пуштен во употреба, но без табли со новото име

Ќе се плати ли цената за „добро пријателство со соседите“ со уште една промена на име на важна историска личност? Ова прашање неминовно се поставува откако без ниту една табла на која би требало да биде испишано „Гоце Делчев“ официјално е пуштен во употреба патот кој од Миладиновци преку Свети Николе води до Штип.

Премиерот не го користи називот на патот што го даде претходната власт, која ја започна изградбата на овој коридор, и тоа со официјална одлука.

-Ние си го викаме Миладиновци – Свети Николе – Штип, вели Заев, но ветува дека ако сите процедури за именувањето ги завршиле неговите претходници, овој автопат ќе се остане „Гоце Делчев“.

-Нема да се менува. Ако се завршени процедурите за именувањето, одлично, ќе остане, вели Заев.

Освен уставното име на државата, во духот на добрососедските односи со Грција, Владата го промени името на автопатот „Александар Македонски“ во „Пријателство“, аеродромот го доби името на метрополата, а националната арена „Филип Втори“ беше преименувана во „Тоше Проески“.

Освен од југ, постојани отстапки се бараат и од источна страна. Бугарите немаат помал список на сугестии за тоа што треба да промениме за да бидеме уште подобри пријатели.

Последно, од таму ни стигна порака оти не се нема  компромис околу прашањето за Гоце Делчев. Министерката за надворешни работи Захариева дури и се закани дека без договор околу заедничкиот датум за чествување на Делчев, Софија ќе ја прекине работата на експертската комисија.

-Нема компромис со вистината. Самиот Гоце Делчев кажал што е- Бугарин, изјави Захариева.

Сања Трајковска Ставров