Автомобилот на комшијата, сепак бил на Груби: Ќе собере ли Обвинителството храброст да поднесе кривична против првиот вицепремиер?
Запалениот автомобил на комшијата на Артан Груби, сепак бил на Артан Груби. Ќе собере ли Обвинителството храброст да поднесе кривична пријава против првиот вицепремиер? Контра зборовите на Груби, дека Аудито вредно речиси 100.000 евра било на неговиот сосед и пријател, неговиот сопартиец, министерот за надворешни работи Бујар Османи, во реакција по инцидентот посочи дека станувало збор за возило на првиот заменик на Димитар Ковачевски.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека ова е доволно причина Обвинителството да отвори постапка против Груби за прикривање имот, потенцијално даночно затајување и злоуботреба на службата положба и овластување.
-Бујар Османи, Крешник Бектеши и другите министри од владата потврдија дека запалениот автомобил е возило на Груби. Според евиденцијата која ја објавија медиумите, автомобилот е во посед на друго лице за кое Груби вели дека му е пријател. Кој е тој пријател на Груби кој купил Ауди А6 возило вредно 80.000 евра и наместо да го вози сам го дал на Артан Груби да го вози и управува со него како со свое возило?, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од Обивнителство дека пак велат дека ќе провереле на кој начин и кога е купен автомобилот, а доколку имало елементи на кривично дело, ќе постапеле согласно законите.
-Издадена е наредба да се обезбеди и документацијата за начинот и времето на стекнување, сопственоста и користењето на возилото. Надлежен орган да ја евидентира и следи имотната состојба на избраните и именуваните лица, како и да врши проверка на податоците во изјавите за имотната состојба е Државната комисија за спречување на корупцијата, велат од ОЈО.
Од опозицијата бараат реакција и од Антикорупциска. Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска за Алфа вели дека ваквите случаи, како овој со Груби би можеле да станат минато доколку се прифати нивниот предлог за промени во законот за потекло на имотот. Во нив се предвидува сите граѓани да мораат да го пријават својот имот, но и да наведат од каде добиле пари за купување на истиот тој имот.
-Во ваков случај сега не знам што да ви кажам, сите задоволни, овците на број, а фактички состојбата не е како што треба. Да пријават од каде се средствата за стекнување на тој имот, што е многу важно. Во конретниот случај, ако важел таков закон, комшијата ќе имал обврска да пријави од кај му се средствата да го купи Аудито, ќе се замислел дали некое Ауди од Артан Груби би го пријавил на свое име, вели Билјана Ивановска за Алфа.
Иако во јавноста се појавија и видео материјали каде се гледа Груби како управува со луксузниот и скап автомобил, сепак тој во неговиот анкетен лист. Таму првиот вицепремиер пријавил дека има само Ситроен Ксара од 2001-ва година, вреден 1.000 евра.
Матеја Петровски