Автобусите на Шилегов си заминаа од Битола, се чека галијата

Трите дотраени автобуси од ЈСП “Скопје“, што скопскиот градоначалник Шилегов ги испрати на позајмица во Битола за превоз на учениците, сепак, како што беа донесени инкогнито, така и си заминаа. Поради големите реакции заради опасноста да се врши превоз, дефектите што мораа да се отстрануваат на единствениот автобус кој беше ставен во функција и поради еуро-0 еколошки стандари со кои не е дозволено да се вози меѓуопштински превоз, оваа авантура на општинското раководство конечно заврши.

– Автобусите од град Скопје беа позајмени и пуштени до Општината Битола со намера да одговориме во тој критичен период и ситуација во која се најдовме. Откако ја надминавме, цениме дека нема потреба да престојуваат во нашата Општина и да носиме одговорност за нив – рече денеска градоначалничката Наташа Петровска.

Сега, битолчани се шегуваат дека во Битола се чека бродот од Скопје, откако првата дама на Битола на последната средба со Шилегов во Скопје му се заблагодари за трите автобуси и му побара една од галиите во “Вардар“. Но, тука сагата со превозот не завршува, бидејќи Општината вчера испрати писмо со намери до превозниците, за предвремено раскинување на договорите за линиски у ученички превоз кои требаше да траат до мај месец 2020 година. Согласно еден параграф, крајниот рок е три месеца, или денот – Д е 22 февруари 2019 година. Дотогаш, ќе се крои нов тарифник и тендер.

– Општина Битола вчера пушти сопис до сите превозници, со што го започнавме одбројувањето на предвременото раскинување на тие договори во тој тримесечен период. Во следниот период, на пна на што работиме е подготовка на нов повик, кој ќе биде дефиниран со нови критериуми – рече Петровска.

Како ќе се испеглаат односите со превозниците според законските измени, останува сосема неизвесно . Во меѓу време, Општината ќе им ги рефундира средствата на оние ученици што не добиле бесплатен превоз, но само со доставени фискални сметки што ќе создаде доплнителен рашомон, зашто има повеќе села до кои нема никаков превоз.

Петар Стефановски