Австралија купува 12 француски подморници

Австралија го финализира договорот вреден 50 милијарди австралиски долари (36,15 милијарди американски долари) со Франција за изградба на флота од 12 конвенционални подморници, изјави денеска австралискиот министер за одбрана Кристофер Пајн.

Иако во претходните соопштенија имаше информации дека преговорите околу огромниот проект се соочуваат со проблеми, Пајн рече дека сите клучни аспекти на договорот за стратешко партнерство се завршени. Тој ќе биде потпишан на почетокот на 2019 година, а првата од 12-те подморници ќе и биде испратена на австралиската морнарица по 2030 година.

Според командантот на морнарицата Мајкл Нунан, новите ненуклеарни подморници од класата „Шортфин Баракуда“, произведени во Франција, ќе ја гарантираат „регионалната супериорност“ на Австралија.

– Тие ќе ги задоволат потребите на австралиската морнарица и ќе помогнат да ја заштитиме нашата безбедност и просперитет во следните децении, истакна адмирал Нунан.

Претходно оваа недела, група военопоморски офицери од резерва изјавија дека француските подморници биле премногу скапи и сложени и треба да бидат разгледани поевтините алтернативи. Француската понуда беше најпосакувана пред германската и јапонската.