});

Западни медиуми во кампања за оцрнување на отпорот?!

Македонија во центарот на дипломатската војна меѓу Русија и Грција! Во ситуација кога јавното мислење во Македонија и во Грција, секое од свои причини, жестоко се спротиставува на Преспанскиот договор, се повеќе е бомбардирано со докази дека отпорот е резултат на надворешно мешетарење а не чувствата и разумот на граѓаните . Така Македонија добива улога како „вистинската причина“ за тензиите меѓу Русија и Грција кои ескалираа во последниве неколку дена со протерувањето на двајца руски дипломати од Атина и заканата од Москва дека ќе следи одмазда. Американскиот „Њујорк тајмс“ пишува дека спорот околу името не предизвикуваше голем интерес надвор од регионот, но се испреплете со поважни конфликти, особено по турнејата низ Европа на американскиот претседател Трамп: Токму во моментот кога тој и рускиот претседател Путин во Хелсинки „ги затоплуваа“ односите меѓу двете супер сили, Грчката влада одлучи директно да ја обвини Русија за провокативни дејства против Договорот, а со крајна цел да спречи влез на Македонија во НАТО.

– Недоразбирањата меѓу Атина и Москва се продлабочија откако Македонија се согласи да го смени своето уставно име и откако на 11 јули доби покана за НАТО, условена од целосно исполнување на обврските (од Преспа). Атина на Москва и соопшти дека ќе протера двајца руски дипломати и ќе им забрани влез на двајца руски државјани поради неоспорните докази дека Русија се мешала во Договорот со Македонија – коментира „Њујорк тајмс“.

„Њујорк тајмс“ констатира дека Грција и Русија, обете православни христијански нации, традиционално имаат блиски врски, а актуелната влада на Грција се залагаше за поблиски односи меѓу Русија и Западот и ја бранеше Москва во меѓународните спорови. Таа за разлика од многу други западни држави, не протера руски дипломати по труењето на поранешниот советски агент Сергеј Скрипаљ во Лондон. Меѓутоа договорот со Македонија, кој и Њујорк тајмс го нарекува контроверзен, очигледно е од огромно значење за владата на Ципрас. Во сите настапи грчкиот премиер повторува дека тој е историска победа на грчката дипломатија која ниту милиметар не отстапила од своите црвени линии а добила се што можело да се добие. Притоа, исто како и Заев овде, Ципрас го игнорира јавното мислење кое во големо мнозинство се противи на Договорот и брза тој да биде спроведен пред евентуалните предвремени избори на кои, опозициската Нова Демократија според сите анкети лесно ќе победи а тогаш, со оглед на ставот на Мицотакис, и самиот Преспански договор би можел да биде доведен во прашање.

Драган Милосављевиќ