});

Скандал: Владата со европско знаменце ќе го менува Изборниот законик – ДИК да се избира со просто, не со двотретинско мнозинство!

Сведочиме на нов скандал и кршење на Уставот. Преку изигрување и заобиколување на сите законски и уставни норми, Владата во Собранието на РМ испраќа Измени на Изборниот законик. Со европско знаменце, Владата на Зоран Заев ќе го менува делот на Законикот кој предвидува избор на Државната изборна комисија со двотретинско мнозинство пратеници во Парламентот.

Предлогот на Владата е веќе ставен, по итна постапка, и ќе се донесе на денешната пленарна седница на Собранието. Измените предвидуваат членовите на ДИК да се бираат со просто мнозинство од 61 пратеник, а не како што е досега со двотретинско. Провладините медиуми веќе спинуваат и ја извртуваат прикаската дека целта била да се деблокира изборот на ДИК за да може да почнат подготовките за референдумот.

Со овој небулозен чин, Владата и владејачкото мнозинство на Заев преку нов преседан је исклучуваат опозицијата од процесите и ќе изберат нов состав на ДИК по сопствени потреби, без опозицијата. Сето ова доаѓа пред Референдумот за името, за кој е потребна ДИК за да го спроведе Референдумот.

Неуставниот чин на Заев и подметнување на толку важен Закон со европско знаменце уште од сега го става под знак прашање Референдумот и неговите резултати, особено ако се знае дека ќе го спроведува и оценува ДИК создадена со кршење на основното правило  за нејзин избор. Уште поиндикативно, измените во Изборниот законик доаѓаат само еден час по прес-конференцијата на еврокомесарот Јоханес Хан и премиерот Зоран Заев.

Познавачите на состојбите за Алфа го отвораат прашањето – дали новата правна небулоза е донесена со амин на Хан или, пак,  Заев во негов манир ја користи  посетата на еврокомесарот  за да на чинот му даде „ветер во едра“  и поведен од поддршката на дел од Меѓународната заедница го „протне“ подобро и ова прекршување на Уставот, кој и онака планира да го смени со договорот од Преспа. На ист начин со „европско знаменце“ владата го протна и Законот за јазиците како и Договорот со Бугарија и Преспанскиот договор со Грција за смена на името и Уставот на државата.