});

Понеделничка лидерска средба – крај на маките или вовед во нова криза!

Крај на маките или вовед во нова криза? В понеделник наутро лидерите на главните политички партии од македонскиот и албанскиот блок седнуваат на иста маса, но сосем извесно со различни желби и планови. Премиерот по секоја цена сака договор за ДИК и поддршка од Мицкоски за референдумот, а првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ инсистира на враќање на правилата од Пржино. Додека албанските предводници мудро ја спроведуваат својата агенда, македонските од оваа лидерска средба може да излезат или со некаков договор за привремено фрлање на воените секири или со уште поголемо разидување кое земјата би ја довело во нова тешка политичка криза. Провладината ТВ 24 шпекулира дека решението на политичкиот ребус Заев го гледа во широка влада која би имала мандат до зачленувањто на земјава во НАТО. Во неа ВМРО-ДПМНЕ би добила три министерски места, а за возврат опозициската партија ќе треба јавно да го повика членството да гласа на референдумот. ВМРО-ДПМНЕ веќе го одбила овој предлог исто, додека од СДСМ одбиваат да коментираат, иако извори во албанскиот блок потврдиле дека идејата навистина била ставена на маса. Во секој случај референдумот е клучното прашање и од неговиот успех или неуспех зависи практично се. Заев го откри референдумското прашање – Дали сте за ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција, што наиде на очекуван отпор и кај опозицијата и кај независните интелектуалци и кај пошироката јавност. Според експертите ваквото три во едно прашање е и конфузно, непрецизно, византиски сугестибилно и правно неиздржано.

-Не зборуваме за Нескафе три во едно или за шампон, туку за сериозно референдумско прашање на кое ќе се одговора со ДА и НЕ. Комбинациите што се споменати говорат дека не е така. – изјави професорката Гордана Силјановска во отвореното студио на Алфа.

Референдумот со вака поставено прашање ја става ВМРО-ДПМНЕ во мат позиција. Не може да бара да се гласа против НАТО и ЕУ, а не сака да го поддржи Преспанскиот договор кој претходно го прогласи за национална капитулација. Евентуалните повици за бојкот Заев ги превенира и со предлогот за предвремени избори кои би се одржале на ист ден со референдумот, со што излезноста на изборите ќе го обезбеди цензусот потребен за референдумот да успее. Од друга страна, ако нема договор на лидерската утре и власта влегува во стапица бидејќи роковите полека ја газат а целата нејзина политичка релевантност судбински е поврзана со успешното протуркување на Договорот со Грција.Токму затоа пропагандната машинерија е ставена во петта брзина и јасно се става до знаење дека, ако нема договор со добро ќе се оди на сила, при што ќе се пренабрегне и отпорот на шефот на државата, кого и онака неговиот официјален заменик, собранискиот спикер, го смета за „инструмент за попречување“ на евроатланските интеграции. Талат Џафери вчера се закани дека ако утре нема договор властите ќе ги заобиколат претседателскито потпис и уставната процедура и ќе ги прогласат договорот со Грција и законот за јазици за важечки во Службен весник.

Драган Милосављевиќ