Документарна

Слики од животот

Оваа серија всушност е замислена како еден вид лична карта за местата и луѓето покрај кои минуваме, но не застануваме да ги видиме и слушнеме. Секоја епизода е составена од неколку приказни врзани за луѓето и за просторот во кој живеат, но и за големите верски празници кои ги празнуваат.

Сабота и недела, во 11:00 часот

Документарната серија „Слики од животот“ има за цел да ги документира, раскаже и визуелно наслика луѓето, местата и нивните приказни и да открие понекоја нова информација, куриозитет врзан за тие локации и луѓе, кои се недоволно презентирани во јавноста.

Оваа серија всушност е замислена како еден вид лична карта за местата и луѓето покрај кои минуваме, но не застануваме да ги видиме и слушнеме. Секоја епизода е составена од неколку приказни врзани за луѓето и за просторот во кој живеат, но и за големите верски празници кои ги празнуваат.

На почетокот од секоја епизода го лоцираме градот/селото околу кој гравитираат луѓето. Ако градот/селото има старо, автентично сочувано јадро специфично, разговараме со локалните жители кои ја знаат историјата на тоа место, ги познаваат старите семејства и нивните куќи и раскажуваат интересни случки врзани за таа микролокација. Оттаму приказната се шири во куќите и дворовите, во шталите и нивите на оние кои се во центарот на нашето внимание – луѓето.

Низ многу македонски села ќе ги чуеме животните приказни на селаните, ќе дознаеме нешто повеќе за нивното секојдневие, за работата, за спокојниот селски живот, но и за случките кои го обележале нивниот живот. Во секоја епизода се опфатени од 3 до 4 села од секој регион со што ќе го покажеме менталитетот, јазикот, обичаите и спецификите на луѓето од тој крај до гледачите. Големите верски празници на кои се собираат многу верници се исто така тема во секој епизода. Дел од службата, изјавата од свештеникот/монахот и разговорите со верниците ќе го прикажат заедништвото на народот и обединувачката улога на црквата.

Гледачите ќе имаат можност да слушнат интересни животни приказни од сите делови на Македонија, да видат села и области за кои можеби никогаш не слушнале и да видат обичаи и црковни служби полни со духовност и мистика.

Целта на документарната серија „Слики од животот“ е да документира и спаси од заборав животните приказни кои досега не биле медиумски раскажани, да покаже места кои малкумина ги посетиле и виделе, а во себе кријат вистински богатства, да ги доближи духовните вредности кои ги проповеда христијанството, да го објасни значењето на празниците, но и да ја прикаже силната верба на луѓето кои одат во храмовите за време на празниците.