Економија

Македонските бизнисмени да извезуваат онаму каде што се плаќа во долари

Еврото падна на рекорден минимум во однос на доларот во последниве 12 години. Денеска едно евро се разменуваше за 1.056 долари. Ова е шанса за македонскиот бизнис – велат познавачите на состојбите.

16.03.2015 18:52:19
 Македонскиот бизнис може да има минимален ќар од падот на еврото и растот на доларот. Три четвртини од надворешно - трговската размена се одвива во евра, па поради тоа што стопанствениците и увезуваат и извезуваат во иста валута ефектите ќе бидат занемарени. Аналитичарите сметаат дека сепак, мерките кои Европската централна банка ги презема за поттикнување на растот во Унијата можат да резултираат со поголеми нарачки за македонските фирми. Клучно ќе биде времето – дали компаниите можат брзо да одговорат со поголема продукција по пониски трошоци. Ако сакаат да ја искористат валутната војна, неопходно ќе биде да се преориентираат на други пазари на кои плаќањата се вршат во долари.

Потезите на Европската централна банка како купување на државни обврзници во вредност од 60 милијарди евра месечно и печатење на пари значително ќе ги поевтини финансиските производи во еврозоната, меѓу кои и кредитите. Експертите препорачуваат Владата да ги рефинансира долговите во долари по пониски каматни стапки на кредити во евра. 

Инаку еврото на стартот на неделава е на најниско ниво во однос на доларот во последниве 12 години, курсот на еврото денеска е 1,056 долари. Аналитичарите од Дојче банк прогнозираат дека до крајот на годинава двете валути ќе се изедначат.

Тања Попова