Економија

Македонците ќе се возат во најсовремени возови

По цели 35 години прв пат се обновува возниот парк на “Македонски железници“. Кинеската корпорација ЦСР набави нови локомотиви и вагони.

24.06.2014 17:56:47
Железничкиот сообраќај повторно ќе заживее. По цели 35 години, Македонците конечно ќе може да патуваат со нови, современи возови. Владата склучи договор со кинеската „ЦСР корпорација“, водечка компанија за производство на вагони локомотиви во светски рамки, за набавка на 4 дизел и 2 електро-моторни гарнитури. Обновата на возниот парк на македонски железници ќе чини вкупно 50 милиони евра, од кои 25 милиони евра преку ЕБОР се одвоени за обнова на патнички вагони. 15 милиони евра ќе се искористат за набавка на товарни вагони, додека останатите 10 милиони за рехабилитација на веќе постоечките. Вкупните инвестиции за модернизација на железничкиот сообраќај, Владата ќе ја чинат над 250 милиони евра. 

- Железницата не е само најекономичен, туку и најудобен  превоз, но не беше целосно искористена поради недостаток на инвестиции и во инфраструктура, како и во вагони и локомотиви. Се надевам дека договорот со кинеската компанија ќе се реализира докрај, вели министерот за финансии Зоран Ставрески. 
- Нашата компанија снабдува околу 80 земји со вагони и локомотиви, сега за првпат сме присутни и на македонскиот пазар. И во идинна ќе продолжиме да инвестираме во обнова на македонските железници, вели заменик претседателот на „ЦСР корпорација“, Жу Чонгкијанг.

За околу една година, Владата очекува да се испорачаат првите вагони и локомотиви, а до крајот на 2015 година целосно да се реализира договорот со кинеската корпорација.

- Гарнитурите имаат капацитет од 1200 патници, имаат вакуум-тоалети, енергетско-ефикасни се, а имаат и обезбедено простор за лицата со намалена мобилнсот, со што ги почитуваат сите светски стандарди, вели министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
- Конечно после 35 години изолација, македонските железници ќе добијат нов возен парк, со што на патниците ќе им се овозможи поквалитетно и поефикасно патување, вели директорот на МЖ Транспорт, Оливер Дерковски.

Освен набавката на нови гарнитури за патничкиот сообраќај, дел од инвестицискиот циклус на Владата во железницата се и почетокот на изградбата на пругата кон Бугарија, како и реконструкцијата на железничката станица во Скопје. 

Марија Мининчиќ

 

vozovi

Од: jonejj

Време: 24.06.2014 18:22:32

Коментар: Извонредна зделка и за секоја пофалба.НО,едно големо НО, по кои пруги ќе возат овие прекрасни возови. Никој не ги поврзува двете работи кои никако не одат една без друга.Друга прикаска е инфраструктурата која е исто во катастрофална состојба.Сепак честито да е!