Економија

Првите 15 странски експерти деновиве ќе ги посетат домашните компании

Првите 15 германски и холандски експерти, деновиве ќе одат во посета на домашните компании, кои се пријавија да учат како да бидат поуспешни во работата.

25.02.2014 18:00:56
Првите 15 германски и холандски експерти, деновиве ќе одат во посета на домашните компании, кои се пријавија да учат како да бидат поуспешни во работата. Ваквите посети на странските експерти, се очекува да ги поттикне македонските компании да ја зголемат профитабилноста, работниот процес да биде поефективен, како и да се зголемат можностите за да се отворат нови работни места. Од Владата очекуваат дека со реализација на овој проект, освен што корист ќе имаат компаниите кои побарале стручна помош, ќе се овозможи и заживување на целото стопанство. 

- Компаниите ќе имаат само минимален трошок, односно да му го платат сместувањето на странскиот експерт, а останатите, поголемите трошоци ќе ги покрие Владата, како што е патот на експертот од земјата од која доаѓа до Македонија, со што компаниите нема многу да потрошат, а за возврат ќе добијат многу од странските експерти кои имаат големо искуство, вели портпаролот на Влада, Александар Ѓеоѓиев.

За да го искористат знаењето на странските експерти, досега се пријавиле 100 компании, најмногу од преработувачката индустрија, туризмот, образованието, земјоделски компании, како и во делот на информатичко-комуникациските технологии. На секои 45 до 60 дена ќе доаѓаат по нови 15 експерти -  и не само од Холандија и Германија, туку и од други земји каде експертите и пркатикантите имаат меѓународно искуство. 


Марија Мининчиќ