Економија

Локалниот економски развој не е приоритет за општините

Во Македонија се уште не е развиена свеста дека основата на локалниот економски развој треба да биде соработката меѓу општината, бизнисот и граѓанскиот сектор, сметаат дел од експертите.

01.04.2013 21:13:24
Локалниот економски развој не е приоритет за локалните власти. Општините немаат ни капацитети ни идеи, сметаат дел од експертите. Според нив, овој сегмент, многу малку го има и во предизборните програми. Отсуствуаат проекти за самовработување, доедукација, претприемништво.

„Во самите програми најмногу се говори за трговски центри, индустриски зони, изградба на инфраструктура... Сето тоа се крштева како локален економски развој... Нема знаење, нема интерес, но недостатокот на идеи е евидентен“ вели м-р Александар Цветкоски, претседател на АГТИС – Прилеп.

Во Македонија се уште не е развиена свеста дека основата на локалниот економски развој треба да биде соработката меѓу општината, бизнисот и граѓанскиот сектор.

„Велат дека државата работела за граѓаните, дека локалната самоуправа работела но што ќе работат граѓаните... Треба да предизвикаат искрено граѓанско учество во планирањето на економскиот равој“ вели Цветкоски.

Сепак, економијата за прв пат зазема значајно место во предизборните програми на кандидатите за градончалници, но проектите што тие ги нудат најчесто се под надлежност на централната власт.

„Сме сведоци дека повеќето идни градоначалници во преден план излегуваат со економски програми. Се напупшта оној традиционален инфраструктурен систем, во преден план доминираат најави за потенцијални инвестиции во нивните општини“ изјави проф. д-р Зоран Ивановски.

Со фискалната децентрализација општините драстично ги зголемија приходите, но многу мал дел од локалниот буџет се троши за локален економски развој.

Никола Крстиќ