Македонија

Груевски: Ќе изградиме две туристички развојни зони во Преспа

Во Преспа ќе изградиме две туристички развојни зони, најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски при денешните посети на Стење и Ресен во придружба на кандидатот за градоначалник на општина Ресен од коалицијата „За подобра Македонија“, Ѓоко Стрезовски.

30.03.2013 17:30:21

Во Преспа ќе изградиме две туристички развојни зони, најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски при денешните посети на Стење и Ресен  во придружба на кандидатот за градоначалник на општина Ресен од коалицијата „За подобра Македонија“, Ѓоко Стрезовски.

„За ова прекрасно местото во Стење каде што сме сега има интерес за изградба на туристичка развојна зона и за учество на евентуален тендер на кој што ќе се наддаваат. Покрај ова предвидена е уште една локација да се направи туристичка развојна зона на другата страна на Езерото“, рече Груевски.

Порача дека токму затоа е донесен и Законот за туристички развојни зони со што се овозможува државата да може да парцијализира поголем простор, некогаш 30, а можеби и до 200 хектари и да ги понуди на инвеститор, домашен или странски кој ќе се обврзе со договор дека на тоа место ќе инвестира во хотелски капацитети, убави плажи и се што може да привлече поголем број туристи.

„Туризмот е нешто што може да му помогне на целиот Преспански регион и затоа како дел од нашата програма неслучајно го изработивме тој закон  и ги промовираме можностите за развој на туристички зони. Инвеститорите од светот што се занимаваат со ваков вид на туризам ги добиваат информациите од нас за да заинтересираме што поголем дел од нив и да ги привлечеме и кога ќе се објави конкурсот за локацијата да дојдат и да наддаваат“, посочи Груевски.

За Ресен, нагласи, е многу значајно  тоа што планираме две индустриски зони во кои ќе се обидеме да привлечеме компании, кои ќе отворат капацитети и ќе вработуваат луѓе.