Посебни Објави

Белград ја обвини Приштина дека го кочи договорот за офицерите за врска

Шефот на српската владина Канцеларија за Косово, Александар Вулин денеска изјави дека Приштина го блокира спроведувањето на договорот за размена на офицери за врски со постојаното инсистирање дека тие треба да имаат дипломатски статус.

05.03.2013 18:20:39

„Ние разбираме дека Приштина има голема потреба постојано да докажува дека Косово е независна држава, како и сите други, но меѓународната заедница мора да сфати дека Србија како субјект на меѓународното право не е должна тоа да го прифати“, истакна Вулин.

Тој утре ќе отпатува во дводневна посета на Косово, каде ќе разговара со „претставници на локалната самоуправа“, јави Танјуг.

За време на претходните рунди од дијалогот меѓу српскиот и косовскиот премиер Ивица Дачиќ и Хашим Тачи е договорено офицерите за врски да работат при канцелариите на ЕУ во Белград и Приштина од 1 март, но овој договор се уште не е спроведен. 

„Ние ќе обезбедиме се што е потребно за работа на офицерите за врски, но не и дипломатски статус“, нагласи Вулин.

Осврнувајќи се на ставот на Европската комисија дека се што досега е договорено мора да се спроведе, Вулин објасни дека Србија е подготвена да ги исполни сите свои обврски, но дека не зависи се од Белград.