Балкан

Србија му забрани влез на нејзина територија на Шкелзен Малиќи

Граничната полиција на Србија не даде информација или образложение за таквата одлука, информира „Косово 2.0“, која ја објави информацијата.

19.06.2018 12:04:15

Познатиот косовски филозоф, публицист и историчар на уметноста Шкелзен Малиќи беше спречен денеска од српската полиција на граничниот премин Мердаре да влезе на територија на Србија, јави дописникот на МИА од Приштина,

Граничната полиција на Србија не даде информација или образложение за таквата одлука, информира „Косово 2.0“, која ја објави информацијата.

Малиќи патувал заедно со драматургот и директор на приштинскиот Центар Мултимедија, Јетон Незирај и со главната уредничка и со фотографката на „Косово 2.0“, Беса Луци и Мајлинда Хоџа.

Тие требаше да учествуваат на дебата во Белград по повод промоцијата на публикацијата „20 години Преку“, која претставува хронологија на 20 години културна соработка меѓу културните актери од двете држави.

Публикацијата и дебатата се имплементираат од Центарот за културна деконтаминација од Белград и Косово 2.0, со седиште во Приштина.

По забраната за влез на Малиќи, останатите членови на групата исто така одлучија да се вратат во Приштина.

- Оваа одлука се заснова на тоа што, заминувањето за Белград и учеството на настанот само ќе допринесеа за нормализирање на една дискриминирачка пракса и нехуман третман на косовските граѓани. Дотолку повеќе, случајот е во спротивност со духот на процесот на нормализацијата меѓу двете земји и е целосно спротивен на напорите за поддршка на еден од неговите фундаментални принципи - слободата на движењето, се вели во реакцијата на „Косово 2.0“.

Шкелзен Малиќи е, меѓу другото, и советник на претседателот на владата на Албанија, Еди Рама и има учествувано на неговите средби со српскиот, некогаш премиер, а сега претседател, Александар Вучиќ.