Спорт

Ракометарите повторно меѓу светската елита

Македонската ракометна репрезентација ја продолжува низата на настапи на големите натпреварувања и следната година ќе биде дел од Светскиот шампионат што ќе се одржи во Германија и Данска.

13.06.2018 21:04:23

Нашата селекција попладнево во Клуж е поразена од Романија со 26:25, но предноста од осум погодоци по првиот натпревар во Скопје ни донесе уште еден настап на ракометните Мундијали.

Стартот на натпреварот во целост им припадна на избраниците на Раул Гонзалез. По почетната предност од 1:0 на домашните ракометари следуваше наша серија од 3:0 и водството од два до три гола го одржувавме до половина од првото полувреме.

Во 16-тата минута Романците постигнаа три последователни погодоци и поведоа со 8:7, а највисокото водство домаќините во овој дел од мечот го имаа во 24-тата минута кога на семафорот стоеше 10:7.

Сепак во завршницата успеавме да ја намалиме предноста на Романците и на одмор да заминеме со негатива од еден погодок.

Во продолжението од средбата Романија беше постојано во водство, но тоа не беше изразено со поголема разлика од два гола, а на осум минути пред крајот домашните играчи имаа предност од 24:20 и кога се понадеваа дека можат во финишот да направат изненадување нашите ракометари успеаа да ја преземат контролата врз играта и резултатот и на крајот намаливме на еден погодок разлика за конечни 26:25 и да обезбедиме пласман на Светскиот шампионат.

Најефикасен во нашиот тим со осум гола беше Дејан Манасков, Кире Лазаров постигна пет, а четири пати прецизен беше Стојанче Стоилов додека Борко Ристовски забележа девет интервенции.

На спротивната страна Козмин Григораш постигна осум погодоци, а голманот Михаи Попеску впиша 13 интервенции.