Балкан

Јадранското Море најтопло во последните сто години

Водата во Јадранското Море, според мерењата на научниците, е најтопла во последните сто години.

13.06.2018 18:45:08

Водата во Јадранското Море, според мерењата на научниците, е најтопла во последните сто години.

Површинската температура на морето во моментот е за три до четири степени повисока во однос на просекот за првата половина на јуни, при што во Сплит и Пула биле измерени 26 степени Целзиусови.

Во периодот од 2008 до 2015 година просечната температура на површинскиот слој на Јадранското Море се зголемил за 1,25 степени и трендот на забрзано загревање не престанува.

Ивица Вилибиќ од сплитскиот Институт за океанографија и рибарство наведува дека интензивното загревање на морето е последица на исклучително високите температури на воздухот, кои од средината на април веќе два месеца се континуирано високи.

-  Можеме да кажеме дека температурите во овој дел од годината се највисоки во последните стотина години, истакна Вилибиќ.

Тој наведе дека кај плитките мориња, меѓу кои спаѓа и Јадранското Море, многу побрзо се чувствуваат климатските промени.

Вилибиќ додаде дека се очекува овие температурни промени кај некои животински видови да се одразат позитивно, додека други ќе претрпат штетни последици.

Исто така се предвидува дека Јадранското Море, освен потопло, ќе стане и посолено.