Македонија

Мицкоски: договорот е капитулација за Македонија

Ставот на ВМРО-ДПМНЕ станува се посигурен и зацврснат, нема да поддржат промена на уставот со цел промена на уставното име, вели лидерот на партијата Христијан Мицковски од неколкуминутната средба со премиерот Заев.

13.06.2018 18:39:50
Ставот на ВМРО-ДПМНЕ станува се посигурен и зацврснат, нема да поддржат промена на уставот со цел промена на уставното име, вели лидерот на партијата Христијан Мицковски од неколкуминутната средба со премиерот Заев. Како што вели немале што да си кажат со Заев бидејќи тие го повториле нивниот став дека постигнатиот договор е капитулантски. Го добиле договорот со Грција и средбата завршила.

Опозицискиот лидер највува дека планирани се средби и со првите луѓе на МПЦ и ИВЗ, а како што рече треба да се слушне мислењето на МАНУ, која по ваквиот договор нема веќе да биде македонска академија. 

Од Влада по средбата велат дека Заев посочил дека граѓаните имале демократско право да го кажат своето мислење во однос на договорот, А Заев рекол дека истиот претставува гаранција за евроинтегративниот пат на Македонија.

- Овој договор ја гарантира иднината на Македонија како членка на НАТО и ЕУ. Референдумот е консензус меѓу ВМРО и СДСМ како најголеми политички субјекти во Македонија со години наназад и сите заедно треба да се заложиме граѓаните сами да одлучат за својата иднина и никој нема право да го спречува тоа, порачал Заев на средбата.

Мицковски се сретна и со претседателот Иванов во вилата Водно. Како што рече со претседателот размениле ставови околу актуелната состојба. 

Претходно Мицковски на прес конференција порача дека капитулантскиот договор кој Заев и Димитров го постигнаа со грчката влада е апсолутен пораз на македонската дипломатија. Според Мицковски ова никако не може да се прикаже како победа, туку само изневерување на очекувањата на граѓаните. Мицковски на прес конференцијата пушти видео од премиерот Заев на кое пред извесен период уверуваше дека нема да дозволи никаква промена на името и Уставот.

Првиот човек на опозицијата го потсети и министерот Димитров на неговата изјава дека ќе се смета себеси за одговорен ако не успее процесот на преговори, па побара негова неотповиклива оставка. ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Уставот, а со цел промена на уставното име, и ќе се спротивстави со сите демократски и правни средства против овој капитулантски договор, е ставот на кој останува најголемата опозициска партија. Мицковски порачува дека остануваат на страната на интересите на Македонија.

Инаку утре договорот треба да биде и декласифициран и на владина седница, по што јавноста ќе има увид во договореното со Грција.

Ивана Соколовиќ Најдова