Балкан

Макалистер: Србија мора побрзо да работи на патот кон ЕУ

Известителот на Европскиот парламент за Србија Дејвид Макалистер во својот извештај оценува дека Белград е на добар пат кога се во прашање евро-интеграциите, но мора да работи побрзо, посебно во делот на владеење на правото.

13.06.2018 10:52:13

Известителот на Европскиот парламент за Србија Дејвид Макалистер во својот извештај оценува дека Белград е на добар пат кога се во прашање евро-интеграциите, но мора да работи побрзо, посебно во делот на владеење на правото.

Во нацрт-извештајот, во кој имал увид Танјуг, Макалистер ја повикува Србија побрзо да работи на реформите за владеење на правото, посебно за ефикасност и независност на судството.

Тој уште ја потенцира важноста на јакнењето на борбата против корупцијата и организираниот криминал во земјата.

Во документот се повторува дека нема напредок кога станува збор за подобрување на ситуацијата во областа на слобода на изразување и слобода на медиуми, како и дека нападите и застрашувањето новинари останува „прашање кое загрижува“.

Србија е пофалена когфа станува збор за нејзината „конструктивна билатерална соработка со соседите, вклучително и земјите-членки на ЕУ“. Во документот се поздравува „континуираното залагање на Србија во процесот на нормализација на односите со Косово“ и се нагласува важноста на формирање Заедница српски општини.

И овојпат во изверштајот се повикува Србија постепено да ја усогласува својата надворешна и безбедносна политика со ЕУ.