Македонија

Договорот предвидува: Република Северна Македонија, македонски јазик и националност со словенски корени

Договорот прво ќе се ратификува во македонското Собрание, а грчката Влада ќе испрати допис до ЕУ и НАТО дека „го поттикнува почетокот на преговори за интеграција на Северна Македонија со ЕУ и интеграција во НАТО, под услов дека ќе се направи уставна

12.06.2018 19:45:13
 Република Северна Македонија ерга омнес, со македонски јазик и идентитет е она што го содржи договорот што треба да го потпишат Македонија и Грција, тврдат грчките медиуми. Според информациите на грчкото радио „247“ со договорот:

- Се отстрануваат наводите во Уставот за „заштита на македонското малцинство“ вон границите и се спроведува соодветниот член што постои во грчкиот Устав за дијаспората.
- Се одредуваат преодни периоди за промена на внатрешните документи и овој сложен процес се поврзува со отворањето поглавјата во пристапните преговори.
- Се формира комисија која ќе ја разгледа употребата на трговските ознаки во двете земји
- Се признава македонски јазик (macedonian language) со забелешка дека Северна Македонија во рамките на договорот признава дека овој јазик е со словенско потекло (како што е заведено во рамките на ОН)
- Во однос на националноста важи терминот Macedonian/citizen of the Republic oф North Macedonia со јасно споменување дека народот на оваа земја не е поврзан со античката грчка цивилизација.

Договорот прво ќе се ратификува во македонското Собрание, а грчката Влада ќе испрати допис до ЕУ и НАТО дека „го поттикнува почетокот на преговори за интеграција на Северна Македонија со ЕУ и интеграција во НАТО, под услов дека ќе се направи уставна ревизија“. Во продолжение, Заев ќе испрати допис до земјите што ја имаат признато Република Македонија под уставното име за да ги извести дека во сила е името Северна Македонија за билатералните односи и меѓународните форуми. До декември 2018, Владата ќе треба да одржи референдум и ако исходот е позитивен ќе направи уставна ревизија. Доколку е негативен, како план Б постои следи распишување парламентарни избори со референдумски карактер за скопското прашање. Кога сите обврски од македонска страна ќе бидат завршени, тогаш договорот ќе дојде во грчкиот Парламент, а во исто време ќе се ратификува и членството во НАТО. 

Во меѓувреме коалицискиот партнер на Цирас, Панос Каменос од Независни Грци, повтори дека нема да поддржи договор што ќе содржи име со терминот Македонија и смета дека потребна е лидерска средба за да се промени одлуката од 1992, според која името треба да биде без терминот Македонија. Опозициската Неа Демократија се противи на потпишување Договор без расправа во парламентот, но Ципрас во ракавот има адут во помалите опозициски партии Потами и Движење за промени кои го поддржуваат за актуелното решение на спорот, а нивните 27 пратеници ќе го обезбедат потребното мнозинство доколку Независни Грци навистина гласаат против.

Драган Милосављевиќ