Економија

Економијата скоро во рецесија, берзата руши рекорди

Економијата е на работ на рецесија, а Македонската Берза руши рекорди. Вкупната добивка на компаниите во просек се зголемила за 2%, а прометот во првите 5 месеци се зголемил за три пати. И додека очекувано дел од градежните компании и индустриските

12.06.2018 19:46:10
 Економијата е на работ на рецесија,  а Македонската Берза руши рекорди. Вкупната добивка на компаниите во просек се зголемила за 2%, а прометот во првите 5 месеци се зголемил за три пати. И додека очекувано дел од градежните компании и индустриските капацитети бележат загуби или намалување на добивките во првиот квартал, банките тријат раце. Стопанска Банка Скопје, НЛБ и Комерцијална банка се најдоа на првите три места на компании со најголема добивка во првите три месеци. Дури и компаниите од реалниот сектор, особено од градежништвото,  кои треба да создаваат додадена вредност во економијата почнаа да вложуваат во банките и на некој начин да го заробуваат капиталот. Аналитичарите велат дека е нелогично берзата да доживува процут, а економијата да стои во место.

Сепак, на берзата се бележи тенденција на излез на странските фирми, односно тие ги продаваат уделите во компаниите, но не купуваат нови акции или обврзници. Затоа домашните инвеститори доминираат во вкупниот промет на берзата. Годинава добивка оствариле 67, а загуба 34 компании што котираат на берзата. Компаниите што оствариле добивка, истата ја зголемиле за една милијарда во споредба со лани. Аналитичарите очекуваат поголемо раздвижување на Македонската Берза по решавањето на деценискиот спор со Грција и отворање на вратите на Македонија кон евроатланските интеграции.


Тања Попова