Балкан

Хрватската претседателка претстави свои демографски мерки

Хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ и нејзините советници денеска ги претставија долгоочекуваните демографски мерки, кои ги сметаат за составен дел на севкупната развојна политика на земјата.

11.06.2018 20:52:13

Хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ и нејзините советници денеска ги претставија долгоочекуваните демографски мерки, кои ги сметаат за составен дел на севкупната развојна политика на земјата.

Грабар Китаровиќ рече дека самостојно ги претставува овие мерки по неколку залудни повици до премиерот и Владата за заедно да ги решат демографските проблеми. Таа предупреди дека намалувањето на бројот на населението ќе доведе до уривање на пензискиот и социјалниот систем, затоа што наскоро бројот на работниците нема да биде доволен за поддршка на пензионерите.

Хрватската претседателка истакна дека спроведувањето на демографските мерки „не е трошок туку инвестиција во иднина“.

Според пописот од 2011 година, Хрватска имала 4,3 милиони жители, а во моментов има помалку од четири милиони жители. Ако овој тренд не се запре на време, до 2051 година населението во Хрватска ќе биде за еден милион помалку, рече Грабар Китаровиќ.

Во првата група мерки, кои ги претстави Грабар Китаровиќ, се вклучени економски мерки како што е создавање на клима која ќе отвори нови работни места и воведување даночен систем кој го фаворизира бизнисот.

Друга важна група се мерките во семејната политика, вклучително и помагање на семејствата со деца и поттикнување на наталитетот.

Според претседателката, исто така е важно да се привлечат работници, при што неопходни се измени во законот за хрватско државјанство и интеграција на мигрантите.

Грабар Китаровиќ ги повика Владата, Парламентот, опозицијата, работодавачите и синдикатите да се вклучат во демографски дебати со цел создавање на просперитетна држава и општество на еднакви можности.