Економија

Економијата во застој, Владата се фали дека ставила ред во трошењето на парите

Економијата е во застој, а Владата се фали дека работи за да го подигне животниот стандард на граѓаните и дека ставила ред во трошењето на државните пари.

10.06.2018 18:14:12
 Економијата е во застој, а Владата се фали дека работи за да го подигне животниот стандард на граѓаните и дека ставила ред во трошењето на државните пари. Веќе 4 дена не стивнуваат реакциите во јавноста по катастрофалните статистички податоци за економски раст од минимални 0.1% во првите три месеци од годинава, но министерот Тевдовски вели дека сега буџетските пари се трошеле на вистински работи. За потсетување,  капиталните проекти се реализираа со неполни 11% во првите 4 месеци од годинава, а јавната потрошувачка во првиот квартал потфрли за 1.4 отсто.

На поразителните економски резултати реагираше и опозицијата. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицковски посочи дека погрешните политики ги казни и Светска Банка која ја намали проекцијата за раст на економијата годинава од 3.2 на 2.3%. Според него, граѓаните осиромашуваат, а Владата мора да преземе одговорност.

Во изминатите неколку дена, бизнисмените и аналитичарите ја алармираа владата под итно да почне со реализација на крупните инфраструктурни проекти за да го заживее градежништвото кое е во негатива од дури 37% во првиот квартал и што повеќе да работи на привлекување на нови странски инвестиции и поттикнување на извозот. Неодамна и претседателот на МАНУ, Таки Фити, посочи на неефикасното трошење на државните пари. Тој смета дека веќе подолг период ефектите на јавните расходи врз БДП се незадоволителни. За состојбата да се промени, вели тој, неопходно е фокусот да се стави на капиталните расходи и изградба на крупни инфраструктурни  објекти, но и да се внимава на одржливоста на јавниот долг. И покрај тоа, Владата во среднорочната стратегија предвиде да го зголеми долгот на 54% до крајот на мандатот.



Тања Попова