Економија

Економијата пред рецесија, под итно да се воведат антикризни мерки

Македонската економија е на граница на рецесија. Според поранешниот министер за финансии Никола Поповски минималното зголемување на БДП било изненадување за сите.

09.06.2018 18:02:44
 Македонската економија е на граница на рецесија. Според поранешниот министер за финансии Никола Поповски минималното зголемување на БДП било изненадување за сите. Според него, никој не очекувал стагнацијата што се случуваше во цела 2017-та да продолжи и во првите три месеци од годинава. Земјава не успеала да ја искористи поволната деловна клима во Европа, па затоа и тешко дека ќе се оствари владината проекција за раст од 3.2% во 2018-та. За тоа да стане реалност, економијата треба да расте во просек 4.2% во преостанатите три квартали, што досега никогаш не се случило. 

„Тоа значи дека втора година имаме 0 % стапка на раст или ако се врзат по тромесечија, ова е 5 тромесечје во кое имаме 0 % раст што е алармантно. Уште поопасно  е тоа дека ние сега не знаеме што ќе се случи во кварталот кој завршува сега за 20 дена“ – рече Поповски.

Во услови на економска стагнација неопходно е Владата да воведе антикризни мерки веднаш – побара поранешниот заменик министер за економија Христијан Делев. Според него, периодот што следува ќе биде пресуден за македонската економија. Тој смета дека реформите и законските измени не можат да помогнат во овој краток рок, но дека единствено решение е детален и опширен сет на  мерки во сите економски сектори. Секое министерство треба под итно да ги реализира сите зацртани проекти предвидени во буџетот– побара Делев. 

„Владата треба да формира итно антикризен штаб што на дневна основа ќе ја мониторира работата на министерството за транспорт со цел да се придвижат сите стратешки градежни проекти. Доколку министерот не сака и не може да потпишува предмети истата функција да биде делигирана на друг член од владата. Потребен е исто така дополнителен тим на локално ниво кој ќе биде задолжен за забрзување на процесот за издавање на градежни дозволи во општините“

И аналитичарите вчера побараа итна реакција од владата за да се стимулира економскиот раст. Од институтот Фајнанс Тинк велат дека потребни се итни мерки за влез на што поголем број странски инвеститори, како и поттикнување на извозот. Статистички, со растот од само 0.1%, Македонија се најде на дното во Европа. Поголемо зголемување на економијата од нас имале Србија, Хрватска, дури и презадолжената Грција. 


Тања Попова