Црна хроника

Идризово бара зголемени мерки на безбедност па префрлање на 12 обвинети за Диво Насеље

Од затворот не сакаа да прецизираат што се подразбира под услови на безбедност и дали тоа ќе значи и ангажман за специјалните сили на МВР, кои веќе три години се дополнително обезбедување на затворот Шутка

05.06.2018 19:08:56
Слабата безбедност во затворот Идризово ја закочи процедурата на транспорт на 12 обвинети за терористичкиот напад во Куманово во 2015, дознава Алфа од свои извори. Притворениците кои се во истражниот затвор Шутка, а добиле решенија од Судот дека затворската казна може да ја издржуваат пред таа да биде правосилна, нема да заминат во Идризово се додека не се создадат безбедносни услови во затворот, ова бил ставот на раководството, кога стигнале решенијата до нив дека нови осуденици со казни над 10 години треба да бидат сместени во затворениот дел на Идризово. Од затворот не сакаа да прецизираат што се подразбира под услови на безбедност и дали тоа ќе значи и ангажман за специјалните сили на МВР, кои веќе три години се дополнително обезбедување на затворот Шутка, каде поголем дел од обвинетите за Диво Насеље се на издржување мерка притвор. 

Истражниот затвор во Скопје денеска доби дополнителни притвореници обвинети за кумановските случувања, а нивниот транспорт од затворот во Битола беше причина утрово нивото на безбедност во Скопје да биде на високо ниво. Причина за префрлањето била катастрофалните услови во затворот, на што се жалеле обвинетите, потврди за Алфа, нивниот адвокат Насер Рауфи. 

На 80 отсто од притворените за терористичкиот напад на Куманово во март 2015 судот им дозволи казната затвор да ја отслужуваат пред таа да стане правосилна. Првостепениот суд во ноември лани 34-ца осуди дека се терористи кои создале терористичка организација и  директно учествувале во нападот на Куманово и на караулата Гошинце  пред 3 години. Четворица обвинетите за логистика судот ги ослободи. 8, заработија доживотна затворска казна, 13 судот ги казни на затвор од по 40 години. За 6 обвинети казната е по 20 години затвор, а за 7 мина казните затвор се под 20 години, односно 18 години, 17, 14,13 и 12 години. Одбраната и обвинетите првостепената пресуда ја обжалија на Апелација. 







Катерина Гетева