Свет

Пентагон не планира да го намали обемот на вежбите во Јужна Кореја

Пентагон соопшти дека не планира да го намали обемот на претстојните заеднички вежби на армиите на САД и Јужна Кореја, кои предизвикаа гнев во Пјонгјанг во пресрет на најавената средба на а Доналд Трамп и Ким Џонг-ун.

17.05.2018 20:13:33

Пентагон денеска соопшти дека не планира да го намали обемот на претстојните заеднички вежби на армиите на САД и Јужна Кореја, кои предизвикаа гнев во Пјонгјанг во пресрет на најавената средба на американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.

Поради маневрите Пјонгјанг ги откажаа и за вчера предвидените разговори на високо ниво меѓу претставници на Северна и Јужна Кореја и се закани со откажување на средбата меѓу Трамп и Ким, превидена за 12 јуни во Сингапур.

Американското Министерство за одбрана соопшти дека вежбата во Јужна Кореја е „рутинска и само со одбранбен карактер“. 

Според полковник Роб Менинг, целта на вежбите е подобрување на капацитетите на армиите на САД и Јужна Кореја за заедничко дејствување.  

Северна Кореја меѓутоа смета дека воените вежби претставуваат „проба за можна инвазија врз земјата“.

- Оваа вежба во Јужна Кореја чија цел сме ние, претставува флагрантен предизвик за Декларацијата од Панмунџом и намерна воена провокација насочена против позитивниот политички развој на Корејскиот Полуостров, оценија севенокорејските власти.

Според Пјонгјанг, Вашингтон „треба внимателно да размисли за судбината на планираниот Самит меѓу Северна Кореја-САД“, имајќи го предвид „провокативниот воен потег организиран заеднички со јужнокорејските власти".