Економија

СДСМ: Ангеловска -Бежоска прифатлив кандидат за гувернер на НБМ

Се поизвесно е дека Народната Банка на Македонија ќе ја добие првата жена гувернер.

17.05.2018 18:38:35
 Се поизвесно е дека Народната Банка на Македонија ќе ја добие првата жена гувернер. Пратеничката група на СДСМ и Коалицијата  позитивно гледа на новиот предлог на претседателот Иванов. Координаторот на пратеничката група Томислав Тунтев вели дека актуелната вицегувернерка Анита Ангеловска - Бежоска е докажан експерт и професионалец и заслужува  да биде поддржана за да застане на челната позиција на НБРМ. Предлогот на Иванов, официјално ќе го разгледаат на координација во понеделник. 

„Имајќи ја предвид нејзината импозантна биографија, богатото искуство и нејзините професионални постигнувања, јас воопшто не се сомневам дека генералниот став на нашата пратеничка група во врска со овој предлог ќе остане непроменет - дека ќе биде позитивен и дека само ќе биде потврден на претстојната координативна средба на пратеничката група“ – изјави Координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев.

Од ВМРО-ДПМНЕ се уште го разгледуваат предлогот и најавија дека во наредните неколку дена ќе излезат со јасен став, а нема реакција ниту од  ДУИ која со месеци го фаворизираше поранешниот вицепремиер за европски прашања Фатмир Бесими.

Инаку минатото лето СДСМ го поддржа реизборот на вицегувернерската позиција на Ангеловска-Бежоска. Тогаш таа беше изгласана во собранието со 97 гласа „за“. Предлогот за избор на гувернер се уште не е ставен на дневен ред во законодавниот дом, но најверојатно тоа ќе се случи на стартот на следната недела.

СДСМ експресно го прифати вториот предлог на Иванов, откако со недели преговараше, но не можеше да се договори со претседателот Иванов околу предлогот се уште актуелниот гувернер Димитар Богов да продолжи да раководи со Народната Банка и во следните 7 години. Вчера тој и официјално се повлече од трката за гувернер, но предупреди дека неговото место не треба да остане празно бидејќи бројни одлуки може да донесе исклучиво само првиот човек на НБРМ.


Тања Попова