Македонија

Монструм од почеток, обвинетите исти, СЈО најави можни промени во обвинението

Агим Исмаиловиќ не знаеше конкретно да каже каде бил кобниот 12 април во моментот додека на Смиљковското езеро се случувал масакрот врз четирите момчиња и рибарот од Црешово.

16.05.2018 17:44:54
Агим Исмаиловиќ не знаеше конкретно да каже каде бил кобниот 12 април во моментот додека на Смиљковското езеро се случувал масакрот врз четирите момчиња и рибарот од Црешово. Фејзи Азири пак пред судот откри дека откако се случило петкратното убиство, додека да биде уапсен на 1 мај, контактирал со Али Ахмети, се видел со Изет Меџити, а телефонски разговарал и со Невзат Бејта,тема на муабет била партијата ДУИ и сточарство. Таткото на убиениот Александар Наќески,  реагираше во Судот, рече дека Азири сокрил тројца функционери на ДУИ. Кажал двајца, па побара да одговори кои се останатите тројца кои се чуваат како државна тајна. Да се смири тензијата во судницата, судијата објасни дека во текот на постапката обвинетиот ќе биде прашан и за тоа.
Со распитот на Исмаиловиќ и Азири, денеска во скопскиот кривичен суд почна процесот по втор пат за случајот Монструм, случај за кој застапник на обвинението е СЈО.   

Засега како ликвидатори на четирите деца и рибарот, остануваат бегалците Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и неговиот брат Агим, кој денеска во судницата беше контрадикторен во својот исказ. На прашање, каде бил кобниот ден на 12 април, 2012, даде различни одговори. Прво рече дека цел ден бил на работа, па дека бил дома, потоа дека се клањал, обвинителката Фетаи му посочи дека првиот пат кога му се судело за овој случај, рекол дека на 9,10, 11 и 12 април 2012 по цел ден местеле канализација, околу нивната куќа, па побара од него да каже што е вистина, што правел тој ден. Агим Исмаиловиќ, на крај рече дека не се сеќава каде бил за време на убиството вечерта меѓу 18 и 20 часот. 

За разлика од Агим, Фејзи како по напишано сценарио раскажуваше за 12 април 2012. Како бил облечен, дали носел одело или фармерки, со кого зборувал, со кого контактирал телефонски и други детали од станување во 6 часот утрото до заспивање. На ова реагираше Фетаи, па побара од Фејзи исто така од станување до легнување да го објасни најзначајниот ден во неговиот живот. Но не доби детален одговор од обвинетиот. 
Специјалното јавно обвинителство на денешното рочиште го прочита старото обвинение за петкратниот Смиљковски масакр што се случи на велики четврток пред 6 години. Обвинителката Фатиме Фетаи најави и нови докази, а рече дека обвинението може да претрпи измени.



 Катерина Гетева