Балкан

Харадинај: Косово е вечно благодарно на Весли Кларк и САД

Косово и косовскиот народ ќе бидат доживотно благодарни и никогаш нема да ја заборават помошта на американскиот генерал Весли Кларк и на САД.

15.05.2018 20:53:12

Косово и косовскиот народ ќе бидат доживотно благодарни и никогаш нема да ја заборават помошта на американскиот генерал Весли Кларк и на САД. Неговото име ќе остане засекогаш во сеќавањата на Албанците, каде и да се тие.

Ова, како што јави дописникт на МИА од Приштина, го изјави косовскиот премиер Рамуш Харадинај на средбата со поранешниот командант на силите на НАТО во Европа, Весли Кларк, кој престојува во Приштина како гостин на американска фондација која организира манифестација за собирање донации за косовските талентирани студенти.

Во соопштението на косовската Влада, се вели дека Харадинај изразил голема благодарност за придонесот на Кларк во 1999 година, кога под команда на американскиот генерал НАТО интервенираше против Србија.

- Благодарение на САД, НАТО, преседателот Бил Клинтон, државната секретарка Медлин Олбрајт, генералот Весли Кларк, поранешниот британски премиер Тони Блер и на сиот демократски свет, на сите кои придонесоа за ослободувањето на Косово, денес Косово е слободно и независно. Доживотно сме благодарни на сите кои помогнаа да не се истреби нашиот народ, рече Харадинај.

Кларк, кој беше гостин на Институтот за технологија од Ричмонд, односно на огранокот на оваа невладина организација во Косово, рече дека се надева да види една економски просперитетна косовска држава и дека најдобро би било Косово и Србија да воспостават добрососедски односи.

- Развиена косовска економија е побитна отколку создавање косовска војска и приоритет треба да биде стабилизирање на односите со Србија, рече Кларк.