Спорт

Милевски се повлекува од селекторската функција

Селекторот на фудбалската репрезентација Македонија до 21 година, Благоја Милевски по завршувањето на договорот се повлекува од функцијата.

15.05.2018 17:32:25

"Договорот со ФФМ ми е до 1 јуни и сум на располагање дотогаш. Дали ќе патувам за Азербејџан или не, ќе одлучат од Федерацијата. Јас сум подготвен да го испочитувам договорот максимално до крај. Сето она што ќе следи потоа, за тоа ќе зборуваме потоа. Понекогаш, во животот морате да продолжите понатаму, иако тоа не го посакувате. Некако и чувствувам дека ми е потребен нов предизвик. Би сакал на крајот да изразам благодарност за несебичната поддршка што ми ја дадовте со години", истакна Милевски.

Милевски беше на чело на репрезентацијата до 21 година која го постигна најголемиот успех во историјата на македонскиот фудбал, а тоа е настапот на Европското првенство во Полска што се одржа минатата година.

"Сакам да се заблагодарам на Фудбалската федерација за одличните услови за работа, имавме речиси перфектни услови и забележавме добри резултати. Се надевам дека Македонија и понатаму ќе продолжи по добриот пат и во иднина ќе бидеме уште поуспешни. Ја водев досега најталентираната селекција во македонскиот фудбал, која оствари историски пласман, и би посакал да има и уште поуспешни во иднина. Не може човек да не биде незадоволен од тоа што го постигнавме. Тоа е голем успех, некој лимит, повеќе од тоа е да го освоевме Европското првенство. Посакувам нормално да имаме вакви успеси во сите конкуренции и во иднина", заврши предводникот на националниот тим до 21 година.

Милевски последните натпревари како селектор ќе ги има на двата контролни дуели со Азербејџан што ќе се одиграат на 24 и 27 овој месец.