Македонија

Жителите на Ѓорче Петров и вечерва на протест поради прегазеното дете

Уште колку деца треба да бидат прегазени за на надлежните институции да им текне да постават светлосна сигнализација на улицата Борис Сарафов, прашуваат жителите од Ѓорче Петров

16.04.2018 20:44:05
Уште колку деца треба да бидат прегазени за на надлежните институции да им текне да постават светлосна сигнализација на улицата Борис Сарафов, прашуваат жителите од Ѓорче Петров кои и вечерва во знак на револт ја блокираа улицата пред Основното училиште „Мирче Ацев“. Револтирани и гневни пред камерата на Алфа ги критикуваа локалните власти дека досега останале глуви на нивните апели.

Од Општината најпрво ја префрлија топката на Градот Скопје, за подоцна да се корегираат и најават дека ќе бил поставен семафор на критичната точка. Но кога точно, и зошто досега тоа не било сторено нема одговор. Жителите велат дека со овој проблем се соочуваат веќе подолг период и повеќепати барале да бидат поставени светлосна сигнализација и легнати полицајци. Реагираат дека еден семафор е недоволен.

Детето кое вчера вечер настрада на оваа црна точка било прегазено на пешачки премин.  Тоа е се уште на скопската клиника  каде се следи неговата состојба. Лекарите велат дека таа е тешка но стабилна. Има скршеница на главата, крварење во мозокот и повреда на рамото.






Meри Ѓорѓиевска