Македонија

Медицинскиот персонал револтиран од предлогот на власта да им се зголеми ноќниот труд за само 80 денари

Се зголемува незадоволството на медицинскиот персонал низ клиниките. По лекарите, својот револт го изразуваат медицинските сестри.

19.04.2018 11:23:43

Се зголемува незадоволството на медицинскиот персонал низ клиниките. По лекарите, својот револт го изразуваат и медицинските сестри. Средно медицинскиот персонал, откако остро се спротистави на одлуката ноќната смена да се зголеми за само 80 денари, колку што било понудено од министерството за здравство и не дозволи Синдикатот да го потпише Анекс договорот, бара и измена во законот за здравствени работници со која нивниот труд соодветно ќе се вреднува.

Тие тврдат дека има недостиг од кадар, поради што работат и по 17 часа, а тој труд наместо дежурство им се плаќа во ноќни часови. За возврат претпоставените им ветуваат слободни денови, а на крајот остануваат и без нив, поради органичениот број на работници.

Министерот Филипче пред нова година најави дека дежурство за лекарите на интерните клиники кое изнесува од 900 до 1.340 денари во работен ден, од март или април ќе биде платено 2.500 до 3.000 денари. Викенд дежурството кое изнесува 2 800 или 2 900 денари ќе се зголеми на 4.000 денари. Оваа најава за зголемување дојде по реакциите и барањата на лекарите. 

Синдикатот предупреди дека нема да го прифати зголемување од 5 проценти и побара од Власта да го реализира ветеното зголемување на платите.

Сања Трајковска